Вештак од Словенија на судењето за Онкологија: Хемотерапијата ѝ го скратила животот на пациентката

Чести промени на терапијата без медицинско објаснување, давање лекови кои меѓусебно го поништуваат дејството и аплицирање хемотерапија во терминална фаза, која наместо да помогне, го скратувала животот на пациентите, се дел од заклучоците што денеска ги презентираше вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, на рочиштето за случајот „Онкологија“ во Основниот кривичен суд Скопје, пишува Независен.

Вештачењето е изработено врз основа на анализа на 51 медицинска документација од лекување пациенти на Клиниката за онкологија.

Одговарајќи на прашања од Обвинителството, Равник укажа на низа системски пропусти во лекувањето, посочувајќи дека и покрај драстично влошување на крвната слика и длабока тромбоцитопенија кај пациентите, третманот продолжувал со несоодветни цитостатици.

Како особено проблематично беше истакнато давањето одредени цитостатици, меѓу кои и „Оксалиплатин“ како монотерапија, што според вештакот е медицински неоправдано.

– Сакам да нагласам дека „Оксалиплатин“ во монотерапија нема ефект и секогаш мора да се комбинира со други цитостатици (…) Значи, пациентката добила лек кој не е индициран на тој начин и хемотерапија која нема ефект. Тоа е терапија дадена „про форма“, без вистинска медицинска оправданост, рече Равник.

Според вештачењето, иако дијагностичките методи, како ПЕТ-скен, потврдувале прогресија на болеста и појава на метастази, терапијата кај пациентите често се менувала без јасно и писмено образложение. Посочени беа и примери каде се давале лекови индицирани за еден тип карцином кај пациенти со сосема поинаква дијагноза, за кои тие лекови немаат примена.

Равник констатираше дека во одредени случаи, упорното давање хемотерапија во крајна фаза на болеста имало фатален исход.

– Таквото примање на хемотерапија е нешто што директно води кон смрт кај овој пациент. Станува збор за значително влошување на тешката здравствена состојба и прогресија на болеста. (…) Неколку дена пред смртта, таа примила хемотерапија. Врз основа на тоа, можеме да заклучиме дека таа хемотерапија ѝ го скратила животот на пациентката. Во таа фаза е дозволена само симптоматска терапија, хоспитализација за нега и палијативна помош, а не активна онколошка терапија, истакна Равник.

Значаен дел од вештачењето се однесуваше на истовремената примена спротивставени терапии кај пациенти кои, покрај онколошката терапија, биле третирани и со кортикостероиди, најчесто поради ковид-компликации.

– Проблемот е што имунотерапијата делува преку стимулација на имунолошкиот систем за борба против ракот. Што значи, таа истовремено примила лек за стимулација (Пембролизумаб) и лек за инхибиција, односно намалување на имунитетот (кортикостероиди). Поради спротивставувачкото дејство на лековите, односно поради истовременото давање на овие две групи, се очекува намален ефект на имунотерапијата, појасни вештакот.

Дополнително, Равник посочи дека кај пациентите кај кои настапиле тешки компликации, како компресија на ’рбетниот мозок и појава на параплегија, не била направена неопходната промена на основната терапија, ниту бил даден соодветен третман за новонастанатата состојба.

– Сакам да нагласам дека доколку дојде до вклештување, односно компресија на ’рбетниот мозок, основната терапија мора да се промени. Тука гледаме дека ѝ било одземено правото на соодветно лекување за оваа состојба. Параплегијата можела да се спречи или третира, но тоа не било направено, заклучи Равник.

Во однос на пациентите со карцином на дојка, вештакот наведе примери каде била пропишувана терапија која не е индицирана за конкретниот тип тумор, како и случаи на примена нефротоксични лекови и покрај јасни лабораториски показатели за бубрежна инсуфициенција.

– Од прегледот на документацијата можам да заклучам дека пропишаната терапија при таква форма на болеста била неиндицирана или дадена во форма од која не може да се очекува ефект, наведе Равник.

За одбраната, ваквиот наод се темели на европски стандарди кои, според нив, не се дел од македонскиот здравствен и правен систем. Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на онкологот Симонида Црвенкова, оцени дека стручниот наод не може да има доказна сила.