(ВИДЕО) Благодатниот оган од Ерусалим пристигна во Македонија

Вечерва на скопскиот аеродром слета авионот во кој македонската црковна и владина делегација го превезуваше Светиот Благодатен оган од Ерусалим.

Симнувањето на Благодатниот оган во базиликата на Светиот Христов гроб во Ерусалим има древна традиција во христијанството и се случува во очекување на најрадосната објава за Христовото воскресение.

Делегацијата предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски која го донесе светиот оган од Ерусалим на аеродромот ја пречека премиерот Димитар Ковачевски.

Advertisements

Оваа година, за прв пат, државна делегација од Македонија и црковна делегација на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, присуствуваа на официјалната церемонија на преземање на Светиот Благодатен оган во Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим, без да бидат дел од делегација на друга држава.

Благодатниот оган, во фенер, го изнесе делегатот на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, г. Јосиф, Митрополит Тетовски-гостиварски, по што од него свеќи запалија присутните претставници на владината и на црковната делегација, кои ги пречекаа делегациите од Ерусалим.

Од Благодатниот оган свеќа запали и премиерот Ковачевски, кој им го честиташе Велигден на претставниците на МПЦ-ОА, на присутните, како и на сите граѓани кои празнуваат.

Премиерот Ковачевски порача дека личното присуство на македонска државна и црковна делегација во Ерусалим и непосредното пренесување на Благодатниот оган во земјава, е уште еден значаен момент во македонската национална и црковна меморија, што го прави посебно овогодишното чествување на најголемиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден.
По церемонијата на пречекот на аеродромот во Скопје, свештените лица го пренесуваат Благодатниот оган до поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до храмовите и епархиите ширум државата.