Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска на онлајн форум „Евро-атланската иднина на Западен Балкан“, организиран од Атлантскиот совет, изјави дека и покрај пречките и потребата од промена на Уставот, е оптимист за европската иднина на Северна Македонија, потенцирајќи дека таа е модел за регионот.
„Јас сум оптимист. Ако погледнете како Северна Македонија се справува со нејзината кандидатура, таа е модел за регионот“, рече Ескобар како одговор на прашањето за почетокот на преговорите со ЕУ, во услови на потреба од промена на Уставот, како барање од Бугарија.
Тој потенцираше дека Северна Македонија се истакнува како модел на мултиетничко цивилно општество и е пример за другите земји во регионот.
„Прво, јас секогаш го потенцирам тоа дека во регионот, во кој имаме предизвици во мултиетничките релации и мултиетничките владеења, Северна Македонија се истакнува како добар модел на мултиетничко цивилно општество и служи како добар пример за другите земји од регионот кој се борат со истиот проблем“, вели Ескобар.
Специјалниот претставника на САД оценува дека Северна Македонија ги има направено сите неопходни реформи за „отворање на првата врата“.
„Јас верувам дека оваа Влада има волја дека луѓето од Северна Македонија имаат капациет да го направат она што е потребно да се направи за да се биде полноправен член на Европската унија“, рече Ескобар.
Осврнувајќи се на релациите на Северна Македонија со САД, Ескобар оценува дека тие се одлични, како билатерално, така и во рамките на НАТО.
„Тоа е она што Европа може да го очекува од нив, тие ќе бидат добри партнери, тие ќе бидат посветени партнери, ќе има нешто што ќе обезбеди придобивки и за Европската унија“, оценува Ескобар.
Оценките на Габриел Ескобар за европските перспективи на Северна Македонија може да ги погледнете во следново видео (15 минута).