Лажната вест е дека јас како градоначалник сум бил корумпиран од страна на компанијата „Титан Усје“заради примена донација за основното училиште „Блаже Конески“, тврди градоначалникот Тимчо Муцунски во видео објавено на неговата фејсбук страница.
„Вистината е дека донацијата од компанијата „Титан Усје“е примена и изгласана од страна на Советот на општина Аеродром. Токму советниците од политичката партија „Левица“ едногласно дале поддршка за прифаќање на оваа донација и токму советниците од политичката партија „Левица“ ја поддржале донацијата која сега ја критикуваат“, вели Муцунски.
Според него советниците од политичката партија „Левица“ во изминатиот период примиле хонорар од повеќе од 30 илјади евра, а не понудиле ниту едно решение во интерес на граѓаните на Аеродром при што ја повика оваа политичка партија преку градот Скопје, каде тие се во политичка коалиција да почне да нуди решенија за загадувањето во градот Скопје.
Тој вели дека институциите од централната власт имаат одговорност за надзор на потенцијалните загадувачи. Оттаму, го повика Министерството за животна средина, да изрече казни ако се утврди дека некоја компанија ја загадува животната средина.
„Време е да престанеме да бидеме политичари само преку социјалните медиуми, каде тие критикуваат и не работат во интерес за граѓаните. Ние понатаму ќе продолжиме да работиме за граѓаните, да нудиме решенија и да реализираме капитални проекти“, порача Муцунски.