(ВИДЕО) Грозоморно кривично дело во Охрид, полицијата знае и молчи две години

Во околината на Охрид, на излезот кон Струга, на јавна површина е направен ринг за борби на кучиња каде што се измачуваат, соопштија од иницијативата за заштита на животните „Лајка“.

„Ликови, добро познати и на полицијата, си организираат борби и мува не ги лази (заради наша безбедност моравме да ги цензурираме лицата).Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот Андон Дуков се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија)“, велат од „Лајка“.

Оттаму сметаат дека со овој грозен чин се кршат многу закони и организаторите се ставаат над законите, заканувајќи им се на оние што сакаат да ги почитуваат законите.

Advertisements

Поради ризикот по безбедноста не се осмелуваат да пријават во полиција каде што некои лица им се блиски на организаторите на борбите.

„Рингот на крвопролевањата, каде некои лица жедта за крв и за крвави пари своите апетити ги задоволуваат. Речиси две години кај што стои поставен, а никој од надлежните не превзема ништо, иако низа закони се прекршуваат. Низа граѓани, кои одат на рекреативна прошетка во оваа област, одамна реагираат на ова ужасие, но молк е. До кога ли? Зошто ли? Држава ли сме или што ли сме? На злото ли слуги станавме и го нормализиравме тоа наше коленичење и пасивност пред злото? Зошто институции имаме?“, се вели во реакцијата на „Лајка“