СДС и ДУИ ги претвораат државните институции во подружници на нивните фирми, државниот апарат се користи за да се создадат добри бизнис услови за фирмите на луѓето од власта, а да се оневозможи развојот на сите други, изјави на денешната прес конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој најави дека партијата ќе почнеме со објавување докази како Артан Груби, премиер од сенка, кој, како што рече, го држи Ковачевски на краток ланец, се богати на грбот на институциите со кои управува тој или нему блиски сопартијци.
„Семејството Груби трупа милионски бизниси и имот, додека народот осиромашува, болни се молат за лек, ученици за книги, а сиромасите за храна, сето тоа го прави преку братот на Артан Груби, Ветон Груби, сопственик на ЕТЦ Травел. Ветон Груби е човекот околу кој семејството Груби го трупа своето богатство. Со Ветон Груби директно или индиректно се поврзани повеќе бизниси, како што е и бизнисот со баждарење на инструментите за точење на нафтени деривати и гас“, рече Левков.
Тој тврди дека на 16.09.2021 година, од страна на Ермир Имами од Дебар, вработен во ЕТЦ Травел сопственост на Ветон Груби, брат на Артан Груби, е основана фирмата за баждарење на пиштолите за точење на гориво на бензински пумпи Метролаб.
„Метролаб, за краток временски период, односно на 02.02.2022 година, само 4 месеци по основањето, добива акредитација за вршење на инспекција на мерила за зафатнина и проток на течни горива и течен нафтен гас – баждарење на пумпи, акредитацијата ја дава Бирото за метрологија, каде директор е Мерита Мустафаи, кадар на ДУИ. Ова е Мустафаи.
Одлуката за висината и начинот на наплатување на надоместокот за услугите што ги врши Бирото за метрологија е менувана два пати во последните 2 години, и тоа првиот пат непосредно пред да се отвори фирмата Метролаб од вработениот кај Груби, која ја потпишал лично Артан Груби, и вториот пар пред една година, потпишано од страна на Фатмир Битиќи. Ова се тие одлуки.
Сопственикот на Метролаб, вработен кај братот на Груби, иако газда на фирмата за баждарење, останува шалтерски вработен кај Груби една година по основањето на фирмата, а си заминува од истата неколку недели пред измена на Одлуката за висината и начинот на наплатување на надоместокот за услугите кои ги врши Бирото за метрологија и овластено лице“, додаде Лефков.
Тој праша дали Артан Груби влијаел два пати во две години да се измени одлука за висината на наплатата за фирмите кои вршат баждарење на инструментите за точење на нафтени деривати и гас на бензинските пумпи, и дали тоа го направил за подобра позиција на Метролаб, основана од вработен кај неговиот брат?
„Дали Ермир Имами, кој бил шалтерски работник во ЕТЦ Травел кај Груби ја формирал фирмата Метролаб затоа што знаел за измените и дали зад сето ова се крие и интерес на семејството Груби?
Во наредните неколку дена ќе продолжиме со објавување на докази и аргументи за бизнис империјата на Груби, и нему блиски лица“, порача пратеникот Лефков.