Претседателот на државата Стево Пендаровски, во гостувањето во Клик Плус на ТВ21 изјави дека нема да се случат уставните измени во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во земјава кон крајот на октомври.
Како што вели тој, за разлика од некои од власта, тој е добро информиран реалист и не очекува осум пратеници да паднат од небо и да гласаат за уставните измени.
„Јас сум добро информиран реалист. Да беше така, нешто во парламентот ќе требаше да се случи. Осум луѓе (колку што се потребни за да се постигне двотретинско мнозинство) не можат да паднат од небо. Не гледам индикации за такво нешто. Сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат потпишано изјави заверени на нотар дека нема да гласаат за измени на Уставот, иако тие немаат законска тежина и претпоставувам дека тоа е само ПР“, вели Пендаровски во интервјуто за „Клик плус“.