Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција потврди дека во тек е акција против организирана група од 23 лица, а меѓу нив е и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, но тој во моментов е надвор од државата и не е достапен за органите на прогнот. Лицата, како што претходно беше објавено според првичните информации се осомичени за криминал во врска со работењето на на електраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино, а Мицкоски истакна дека станува збор за криминал од околу 6,5 милиони евра.
– Обезбедени се овие 23 лица минус можеби еден, за којшто сега вие посочивте, но очекувам и тој бргу од денеска да биде обезбеден пред правдата и сите тие да дадат одговор за овие основани сомневања за коишто се обвинуваат, иако можам да кажам дека голем дел од доказите за коишто се сомневавме веќе се обезбедени, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на која денеска информира дека е потпишан договор за нова инвестиција во државава.
На прашањето дали Ковачевски е во државата Мицкоски одговори дека не е, но оти очекува да го пронајдат и вратат.
-Не, не е во државата подолго време, но очекувам и да го обезбедиме и да го вратиме во државата, истакна премиерот.
Од информациите со кои е запознаен од страна на лица од МВР, министерот Тошковски и директорот на БЈБ Јанев, како што истакна, станува збор за добро организирана група на високи претставници на компанијата и лица коишто управуваат со други правни субјекти коишто се здружиле и за коишто постои основано сомнение дека направиле криминал од прилика од 6,5 милиони евра.
-Пронајдени се многу докази, но тоа ќе го оставам на обвинителството, понатаму на судовите, ние мораме да веруваме на пресумпцијата на невиност, но тоа што е најдено навистина е загрижувачки, рече Мицкоски.
Нагласи оти е свесен дека тој како премиер и Владата изминатиот периоод од јавноста биле обвинувани дека органите на прогнот прават малку за справување со лица осомничени за криминал, но додаде дека тие барале трпение, бидејќи е потребно да се почитуваат процедурите, а потребна е и соработка на двата клучни столба – обвинителството и судството.
-Знаете, таму се уште постојат структури коишто се повеќе лојални на претходната влада отколку на правдата, нешто кое што претставува наш генерален проблем, но некако како да гледам полека во последно време се повеќе се приближуваат да и бидат лојални на правдата отколку на тие на коишто претходно им слугувале и се надевам дека така ќе продолжат и во периодот којшто следи, а вас како новинари, како јавност ве повикувам будно да следите, бидејќи сето она кое што го зборувавме, а за кое што постоеше основано сомневање дека е сторен криминал без разлика дали е тоа индивидуално или организирано ќе и биде на јавноста познато и сите докази во една транспарентна постапка ќе и бидат на јавноста обезбедени. Јас многу пати реков и во минатото дека ние циркус од овие работи нема да прави. Еве, ние немаме намера естрада да правиме од сето ова, правдата е спора, но правдата секогаш победува на крај и овој пат ќе победи, истакна Мицкоски.