(ВИДЕО) На Џамбаски да му се забрани влез во Македонија побара Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност побара да му се забрани влез во Македонија на пратеник од Бугарија во Европскиот парламент, како и на некои други бугарски државјани.

Пендаровски не го кажа по име европратеникот, но алудираше на Ангел Џамбаски кој неодамна по повод чествувањето на ликот и делото на Мара Бунева беше во земјава и од центарот на Скопје порача дека Македонија е бугарска. 

„Мој предлог до Владата кој го изнесов и на седницата, е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица, државјани на Бугарија, заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава. Законските услови за изрекување на таква мерка постоеја и порано и сѐ уште постојат, тоа се, трите според законот, ги цитирам, закана за јавниот поредок, закана за националната безбедност, или закана за меѓународните односи на Република Северна Македонија“, изјави Пендаровски по состанокот во Вила Водно.

Advertisements

Тој појасни дека ако таквите лица се надвор од земјата, да не им биде дозволен влез, а, ако се веќе внатре, да им биде откажан престојот и да бидат прогласени за персона нон грата.

 „Сакам да упатам една порака до надлежните институции во Бугарија, кои не се дел од овие сценарија: изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме. Секоја сериозна држава впрочем на светот тоа го прави, вклучително и Бугарија“, додаде Пендаровски.

Тој предложи подобра координација меѓу надлежните институции од двете земји за да не дозволиме, како што рече, „европската агенда и билатералните односи да станат жртва на анахрони националистички и популистички политики од двете страни.“

Во врска со чествувањето на 4 февруари, денот на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, претседателот рече дека ќе треба да се обезбеди и државната граница.

– Освен тоа, за настанот на 4 февруари ќе мора да земеме мерки на терен. Од граничните премини до самиот настан. Забрана за влез за оние кои доаѓаат да го понижуваат македонскиот народ – рече Пендаровски.