Стево Пендаровски вчера призна дека користи консултантски услуги од контроверзниот консултант Асаф Исеин. Прашањето е дали тие консултантски услуги е само во делот на стратегии или можеби влегуваат и во изборни активности кои што се работ на законот, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Исто така Стево Пендаровски вчера пред целата македонска јавност призна дека Асаф Исеин е ангажиран од СДСМ. После ова јавно признание на Пендаровски се поставуваат неколку прашања. Прво, на кој начин е ангажиран овој контроверзен консултант? Уште колку лица заедно со него се ангажирани? Колку чини неговиот ангажман и кој го плаќа неговиот ангажман? Од која сметка се плаќа неговиот ангажман? Дали се плаќа од сметката на СДСМ, и ако е така, зошто го нема во ревизорските извештаи на СДСМ? Доколку, пак, е ангажиран за изборната кампања на СДСМ, дали се свесни во СДСМ дека прават кривично дело, имајќи во предвид дека изборните сметки сè уште не се отворени и не можат да се преземаат финансиски активности поврзани со изборите. Понатаму, се поставува прашањето дали можеби има договор со некоја државна институција и на тој начин е ангажиран, или можеби најлошото дали е можеби платен од некоја странска држава која што сака да направи услуга на СДСМ и на Стево Пендаровски. Доколку е така се работи за тешко кривично дело имајќи предвид дека забрането е финансирање на избори од страна на странски извори и странски држави – вели Николоски.
Тој додава дека според неговите сознанија во последните 20 дена 3 пати Асаф Исеин престојувал во Македонија на по неколку дена, што значи дека последните 20 дена најмалку десетина дена бил присутен во Македонија.
– Колку пати се сретнал со Стево Пендаровски, со кој друг се сретнал од СДС, што за нив ќе прави, колку чини неговиот ангажман, кој го плаќа неговиот ангажман и зошто го нема во ниеден извештај на СДСМ? Исто така, како е возможно лице кое е ангажирано од политичка партија да остварува средби со претседател на држава во службени простории на претседателот на државата и да одговорат и СДСМ и Стево Пендаровски кои се другите лица по потекло од Хрватска и Романија кои доаѓаат со него и на кој начин тие се ангажирани?
На раб сме на огромна афера, огромен скандал кој во себе вклучува потенцијални изборни нерегуларности и нелегално финансирање на изборна кампања. Очекуваме одговори и очекуваме надлежните институции да се позанимаваат со ова прашање – рече Александар Николоски.
Според кабинетот на претседателот, Стево Пендаровски никогаш не користел странски компании за правење на анкети, стратегии, ниту пак комуникациски услуги од домашни експерти.
„Така ќе биде и за време на претседателската кампања 2024, нема да се користат ниту странски, ниту домашни комуникациски експерти, ниту пак ќе се нарачуваат анкети. Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ нека се насочат кон нивните сопствени стратези и анкетари и нека си ги прочитаат анкетите во кои очигледно стои дека во вториот круг победник на претседателските избори ќе биде претседателот Пендаровски“, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.