Владиката Петар тврди дека има парацрковна структура во Бигорскиот манастир на чело со епископот Партениј.
Тој во интервју за ТВ Сонце, повика тоа прашање што поскоро да се постави на дневен ред пред Синодот на МПЦ- ОА и да се реши.
„Денеска имаме парацрковна структура во Бигорскиот манастир на чело со епископот Партениј кој превзема ингеренции, дури и мои како претседател на одделот за соработка со православните цркви. И секако дека тоа прашање мора час поскоро да го ставиме на дневен ред на Синодот во цел состав и да го решиме“, порачува митрополит Преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г.г Петар.
Тој понатаму во изјавата за ТВ Сонце обаснува дека порака за решавање на проблемот веќе е испратена до високи црковни лица.
„ Јас имав слобода да му кажам пред нашиот архиепископ Тимотеј, пред архиепископот Климент, пред цилибарскиот митрополит Максим, кој има студирано и докторирано во Белград и пред претседателот на Комисијата за односи со верските заедници, свештени лица, преведувачи итн. да му пренесат на неговата сесветост, ние нема да дозволиме да имаме парацрковна организација во лицето на епископот Партениј заедно со структурата негова во Бигорски и со монахињите таму кои мешетарат во мојата епархија. Јавно кажувам и им порачувам да се тргнат од мојата епархија и повеќе да не ми прават таму проблеми, зошто сериозна е ситуацијата а за другите епархии нека си водат сметка надлежните архиереи. И ова е веќе сериозен проблем на нашата црква”, вели г.г. Петар.