Градоначалникот на општина Карпош и претседателски кандидат Стевчо Јакимовски во изјава за медиумите објави дека неговиот син и снаа, наместо извод од Матичната книга на венчаните лица, добиле извод од книгата на умрените и денот на нивната венчавка е впишан како ден на нивната смрт.
„Скандал. Од црн по црн хумор. Замислете, мојата снајка и мојот син побараа извод од Матичната книга на венчаните, чекаа два и пол часа и го добија овој извод. Извод од Матичната книга на умрените. Денот на нивната венчавка е впишан како ден на смртта. Овие млади луѓе се во шок, можете да замислите секоја годишнина од бракот на што ќе ги потсетува“, вели Јакимовски.
На документот потпишана е, како што објасни, Дијана Антониевиќ, веројатно, како што додава, кадар на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.
„Економските причини за иселување веќе не се оние што ги бркаат младите. Се давиме во хаос на секое поле. Со вакви перспективни и талентирани кадри се наполнети и држвната и јавната администрација. Имаме илјадници црни хумори со партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ и што е најбитно и ним не им чини администрацијата во зависност дали се власт или опозиција. Малку останавме политичари од Титово време што знаат како функционирала државата, сè друго е резултат на 20 кампањи и лепење плакати“, вели Јакимовски.