(ВИДЕО) Во СДСМ и во ДУИ размислуваат за предвремени избори – Антонио Милошоски откри дека и пратеници од власта се назадоволни

Пратеникот Антонио Милошоски во вечерашното гостување во дневникот на телевизија Сител изјави дека во Собранието одредени пратеници кои припаѓаат на владејачката коалиција веќе праќаат сигнали дека се незадоволни од начинот на кој се управува Македонија, особено од страна на извршната власт.

„Испратените сигнали до нас како поголема опозициона партија е дека некои структури внатре и во СДСМ и  во ДУИ размислуваат за можни предвремени избори како опција за тестирање на легитимитетот кај граѓаните“, рече Милошоски.

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ поради големото незадоволство не е исклучена и инцијативата за интерпелација на Владата.

Advertisements

„Опцијата за иницијатива за недоверба на Владата е во игра, како една демократска алатка каде може да се канализира ова незадоволство на граѓаните и поголем број на пратеници“, вели Милошоски.

Според Милошоски има пратеници од СДСМ кои би поддржале интерпелација на Владата, но истовремено смета дека дел од тие пратеници последните денови се под одреден притисок на луѓе од извршната власт да го променат своето мислење.

„Одредени незадоволни пратеници од страна на СДСМ кои предвремените избори ги гледаат како опција веќе добиваат повици од повлијателни фигури во извршната власт за да го преиспитаат своето мислење односно се под благ притисок да го сменат мислењето за предвремени парламентарни избори“, рече Милошоски.