Владата уверува дека се надминати бирократските пречки за набавка на Трикафта – најкритичните пациенти ќе го добијат најдоцна за 30 дена

Владата преку соопштение информира дека се завршени административните процедури кои беа потребни за итна набавка на лекот Трикафта за најкритичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, и тоа во кус рок.

Испораката на лекот Трикафта за овие пациенти се очекува да биде извршена од страна на добавувачот, во најбрз можен период, не подолг од 30 дена, согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек“, се вели во соопштението од Владата.

Од Владата посочуваат дека за оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот Трикафта за критичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.

Advertisements

Владата најавува дека во текот на денешниот ден ќе се одржи втор состанок на посебното тело во кое се директно вклучени и институциите и претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза.

„На денешниот состанок, во инклузивен и транспарентен процес, се очекува да се финализираат потребните измени на законските решенија, со што ќе и се овозможи на државата директно да преговара за набавка на лекот Трикафта и на овој начин да се обезбеди лекот за сите пациенти. Со овие измени на постоечките законски регулативи, кои се очекува работната група да ги заврши до крајот на неделата, се обезбедува системско решение, бидејќи државата ќе е во можност преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија“, се вели во соопштението на владината прес-служба.