Владимир Нелоски десната рака на Мицкоски стана шеф на премиерскиот кабинет, Јанушев генерален секретар

Владата на денешната прва седница го именува Игор Јанушев за генерален секретар на Владата, за шеф на Канцеларијата на премиерот е назначен Владимир Нелоски, а негов заменик Саше Павлоски, додека Ивица Томовски е назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи.

Јанушев, како што информираат од владината прес-служба, е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Неговото претходно искуство вклучува работа како пратеник во Собранието, директор на ЈСП „Скопје” и раководител на Секторите за воздухопловство и за општи работи при Министерството за транспорт и врски. Како пратеник, Јанушев беше шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Владимир Нелоски, се вели во владиното соопштение, има завршено на Економскиот факултет, воедно е магистер на Правниот факултет „Јустинијан први” од областа на корпоративното право. Тој е советник во Град Скопје. Бил претходно вработен во Агенцијата за електронски комуникации и има богато искуство во менаџирање со процеси и човечки ресурси.

Advertisements

„Ја имам честа да бидам назначен за шеф на канцеларијата на претседателот на владата проф. др. Христијан Мицкоски! Честа е голема, одговорноста уште повеќе! Ветуваме силно темпо на работа и максимална посветеност за решавање на проблемите!“, порача Нелоски на Фејсбук.

Саше Павлоски завршил на Економскиот Факултет при УКИМ. Тој има повеќегодишно работно искуство во Владата на Република Северна Македонија и искуство од менаџерско работење и делување. Бил и член на Надзорен одбор на МЕПСО и претседател на Управниот одбор на Национален парк „Маврово”.

Ивица Томовски е назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи. Тој има магистратура по менаџмент на човечки ресурси и долгогодишно професионално искуство во деловното работење, консалтинг услуги и менаџирање во приватниот сектор. Томовски е поранешен управител на ЕЛЕМ Турс и има стекнато обуки на повеќе интернационални школи за менаџмент на човечки ресурси.

Елена Петрова е новиот директор на Управата за јавни приходи. Петрова беше дополнителен заменик-министер за финансии во последната техничка Влада. Таа е дипломиран економист со над 25 години искуство во Управата за јавни приходи, каде што работела на различни раководни позиции, вклучувајќи управник на Дирекцијата за големи даночни обврзници. Има активно учество во неколку управни одбори и поседува бројни лиценци и сертификати, вклучувајќи обуки и соработки со Светска банка, ММФ и други меѓународни организации.

Бобан Николовски е именуван за директор на Царинската управа. Николовски доаѓа од позицијата пратеник во македонското собрание и има 15 години работно искуство во Царинската управа, вклучувајќи и работа како директор на ЈП „Куманово план“. Тој има магистратура по бизнис и поседува десетици обуки и лиценци за царинско работење.

Александар Јанев е назначен за директор на Бирото за јавна безбедност. Јанев има 27 годишна полициска кариера која започнала како кадет на Средното полициско училиште „Елисије Поповски Марко“. Образованието го продолжил на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси. Јанев работел на различни позиции во Министерството за внатрешни работи, вклучувајќи инспектор, раководител на единица и сектор, и аналитичар за потребите на министерството. Тој е унапреден во главен инспектор во секторот за обезбедување и заштита на личности и објекти и раководел со четири сектори со 300-350 вработени во областа на организираниот криминал, корупцијата, транснационалниот криминал, тероризмот и насилниот екстремизам.