Власта ги полни торбите со пари, а младите куферите за надвор од Македонија – Сергеј Попов

Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина „Младински политики“ во Куманово ја обвини власта дека ги излажала младите кои секојдневно се иселуваат од Македонија.

Тој во својот говор наброја неколку проекти за младите кои ќе се реализираат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт.

Advertisements

„Младите во Република Македонија беа излажани и би рекол беа излажани на еден брутален начин. Им се ветија брда и долини, нови студентски градови, нови студентски кампуси, поуспешно образование, подобри универзитети, им се гарантираше младинска гаранција од која не видовме апсолутно ништо бидејќи младинската невработеност се уште е на највисокото место во регионот и во Европа“, вели Попов.

Попов додаде дека проблемите на младите луѓе во Република Македонија не се само егзистенцијални, туку  на младите луѓе животот им станува неиздржлив поради општествената деканденција која што владее во македонското општество.

„Тука е и корупцијата која што станува заразна. А, со сите овие работи државата Република Македонија од мајка за младите луѓе станува маќеа“, вели Попов.

Тој додаде дека власта ги полни торбите со пари, младите ги полнат куферите и ги полнат автобусите и си заминуваат од Македонија.

„Како УМС цело време сме во контакт со младите луѓе, разговараме со нив, на терен сме, комуницираме. Не само со младите луѓе, туку и со сите младински организации, невладини организации, и било какви општествени чинители кои што можат да придонесат за обезбедување на подобро утре на младите луѓе. Јас би рекол дека еден од главните проблеми зошто младите луѓе си заминуваат од Република Македонија тоа е оној момент кога младиот човек ќе го заврши своето образование и влегува во оној пореален дел од животот кога треба да основа семејство, да создава иднина за себе овде во Македонија, во своето родно место“, рече Попов.

Тој потоа зборуваше за проектот „Купи куќа за млади“ кој предвидува државни субвенции за решавање на станбеното прашање кај младите луѓе.

„ВМРО-ДПМНЕ гарантира дека по доаѓањето на власт ќе постојат икс број на даночни олеснувања за претприемачите односно компаниите кои би вработиле младо лице до 29 години. Втор проблем кој би го истакнал е негативната селекција која што владее во Република Македонија. И токму од таа причина за да ги охрабри младите дека не се сите исти и дека постојат политичари кои не размислуваат како криминалците од СДСМ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ гарантира вработување во државна институција за 500-тини најдобри студенти во Република Македонија. Ова се само мал дел од мерките кои ВМРО-ДПМНЕ ги планира за младите луѓе“, додаде Попов.