ВЛЕН: Сите стручни испити ќе можат да се полагаат и на албански јазик

Коалицијата ВЛЕН соопшти дека протестот на студентите повторно ја разоткрил, како што велат, политиката на ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека две децении оставала нерешени проблеми поврзани со употребата на албанскиот јазик.

Од ВЛЕН велат дека ДУИ неуспешно се обидувала да организира политички акции и манипулации, почнувајќи од, како што наведуваат, „шатори на плоштад“, писма до меѓународната заедница и иницијативи за референдум, па сè до обидите да се искористат студентите за политички цели.

„Студентите побараа полагање на правосудниот испит на албански јазик, можност што досега не постоеше. ВЛЕН му пристапи на проблемот суштински. Затоа решението нема да се однесува само на правосудството. Сите стручни испити ќе можат да се полагаат и на албански јазик“, наведуваат од коалицијата.

Во соопштението се посочува дека ВЛЕН веќе решила повеќе прашања кои, според нив, со години останале отворени, меѓу кои се наведуваат професионалните медицински испити, правата на воспитувачките во градинките, статусот на Медресата и дислокацијата на казината.

Од ВЛЕН оценуваат дека ДУИ зад себе оставила „нерешени или полу-решени прашања“, додавајќи дека „времето на политичкиот агалук завршило со ДУИ во опозиција“.