ВМРО-ДПМНЕ: Фризерница добила 270.000 евра од Еразмус во времето на Заев

Фризерница во време на Зоран Заев, добила проекти за медиумска писменост преку Еразмус +, вредни над 270 илјади евра, изјави денеска Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Продолжуваме и денес со сомнителните проекти од Еразмус +, да потсетиме дека Заев и Димова, доделија неколку грантови вредни над 270 илјади евра за медиумска писменост, на фризерско студио, во период од 3 години.

Фризерското студио со две столчиња, добива неколку години по неколку грантови од Еразмус +, односно Заев и Димова, вредни вкупно над 270 илјади евра. Секако, погодувате и за овој проект, сопственикот на фризерницата е близок пријател токму на Лидија Димова, односно поранешен граѓански и партиски активист на СДС“, вели Манасиевски.

Тој вели дека во СДС владее паника и страв дека на виделина излегува вистината за нивното криминално и коруптивно владеење во Агенцијата Еразмус +.

„Ниту имаше, ниту моментално има одговорност за сомнителните случаи, каде што лица блиски до СДС, или пак членови на партијата, судии, професори, се наполнија со проекти вредни стотици илјади евра.

Нивните судии и обвинители треба малку да се позанимаваат со овие работи. Одговорност мора да има“, порачува Манасиевски.