Гледавме долги прес конференции на владата, но одговор на главните прашања нема. Димитар Ковачевски и Крешник Бектеши со недели бегаат од одговор на најсуштинското прашање – зошто ако навистина сакале да нема рудник во Иловица дозволиле фирма на семејството Дестани кое важи за блиско до ДУИ да влезе во сопственичката структура на Еуромакс Ресурсис, и тоа во време кога се води спор по еднострано раскинат договор од страна на владата, со купување на 25% од акциите. Напоменувам, владата според закон е таа без чија дозвола Дестани не можел да стане дел од Еуромакс Ресурсис, рече на денешната прес конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека легитимно се поставуваат следните неколку прашања на кои владата не сака да даде одговор, бидејќи неминовно може да се дојде до заклучокот дека Ковачевски и Бектеши се обидоа да го протнат овој случај далеку од очите на јавноста:
- Зошто пред Дестани да влезе во Иловица владата води хајка против рудникот, и СДС и ДУИ, а откако Дестани презема удел таа хајка запира?
- Зошто Дестани влегува во фирма која во моментот на неговото влегување има спорна концесија? Дали и како знаел дека институциите ќе ја вратат и дали и како знаел дека владата година дена потоа ќе ги спои тие концесии?
- Дали компанијата на Дестани дозволила потребна студија за влијание врз животната средина да ја нема, зошто нашите информации говорат дека таква студија нема и не е доставена, и ако не е зошто не е, ако доставиле нека ја покажат?
- Следствено на третото прашање се поставува прашањето какво искуство има компанијата на Дестани во копање на злато и кои стандарди ќе бидат применети, со оглед на тоа што истата воопшто не работи во таа област. Како тогаш струмичани да веруваат дека почвата во струмичко нема да се контаминира и дека рудникот нема негативно да влијае на животната средина?
Владата нема одговор, затоа што очигледно е дека рудник во Иловица со Дестани како дел од него со СДС и ДУИ се оние кои што сакаат тоа да се реализира.
Но, владата треба да знае, дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го преиспита целосно случајот со влегувањето на Дестани во Иловица, и дали се исполнети сите процедури. Секоја нерегуларност ќе биде најстрого санкционирана“, вели Митева.