Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција веднаш по затворање на гласачките места рече дека овие избори се почеток на крајот на оваа власт.
Тој додаде дека денес граѓаните покажале дека овие избори им се важни и излегле да гласаат во голем процент, а првични резултати најави за околу половина час.
„Граѓаните денес покажаа висока свест за тоа колкава е важноста на овие избори. Тие знаат како да пристапат и дека ова е крстопат за да се развива нашата татковина. Изборите минаа во фер и демократска атмосвера и тие денес се почеток на крајот на оваа власт“, изјави Муцунски.
Тој вели дека имало притисок врз гласачи во Сарај, импровизиран штаб во ОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар, забележано било семејно гласање, а во Куманово не функционирале апаратчињата за идентификација на отпечаток.
„За сите забелешки ќе постапиме пред институциите, затоа што во наш интерес е да имаме кристално чист изборен процес кој ќе заврши со победа на Македонија. Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и на враќањето на Македонија на народот, процес кој ќе ја направи земјата горда“, рече Муцунски.