ВМРО-ДПМНЕ најмалку посакува сценарио да има влада со ДУИ и со ова нивно раководство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Тој истакна дека кога ќе дојде до промена на власта ќе има одговорност за криминалните афери.
„Ќе се работи со отчетност и не смее да има во влада министри кои не одговараат пред премиерот, туку пред партискиот лидер. Се знае кој е мандатар и кој е премиер. Кажувам дека такви луѓе ако јас бидам мандатар нема да бидат дел од мојот кабинет“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека кој ќе биде партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во влада ќе одлучат две работи, првата е граѓаните на избори, втората е програмата за која ќе се сложат да се работи во иднина.
„Во политиката не треба да сме во сон туку со отворени очи, кој ќе биде партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во влада ќе знаеме следниот ден откако ќе завршат изборите, а дотогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде со народот и не само со македонскиот, туку и со албанскиот, турскиот, српскиот, Ромите, Бошњаците, сите“ нагласи Мицкоски.
Во однос на одговорноста, тој посочи дека не може да се премолчат криминалите како за надзорот со коридорите 8 и 10 каде во тендерот се менувани условите додека траел и дека некој ќе одговара за тоа.