Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски пред последниот пријавен за збор побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери да не ја затвора седницата, туку веднаш да ја стави на гласање потребата за уставните измени, за што се потребни 80 гласови, но собранискиот претседател изреагира како да не го слушнал барањето на пратеникот.
„Цела седница денеска помина по европски терк, сега исто така дајте ни шанса да го кажеме својот став и да гласаме, рече Мицевски.
Собранието денеска со 70 гласа „за“, 47 „против“ и без „воздржан“ глас го усвои дневниот ред на 123-тата седница која има само една точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во преамбулата на Уставот.
По усвојувањето на дневниот ред почна расправата за потребата од носење на уставните измени, за чие усвојување е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази неопходни за промена на Уставот
Според Деловникот за работа на Собранието, дебатата за потребата од носење на уставните измени трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август.
Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата.