Внукот на Ахмети презел долг од 20 милиони евра, зел кредит од 6 милиони евра само за да го спаси Соравија

Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека неговата компанија ТОР Индустри и албанската Па-Вла-Ку го превземаат трговскиот центар Соравија со отплаќање на долгот што го има оваа компанија од 20 милиони евра.

Тој на прес конференција, пренесува Макфакс, објасни дека дознал за долговите што ги има деловниот центар, а не можел да ги врати, по што стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија. Откако имале разговори, а направиле и анализи, тогаш Дрин Ахмети решил да го купи бизнис-центарот, но да ги исплати и долговите.

„Соравија инвест“ има долг кон банки со износ од 20 милиони евра. Засега не даваат пари од свои џебови, туку со кредит вратиле мал дел од долгот. Потоа, зависно од тоа како ќе тече работата, ќе го враќаат и остатокот од долгот.

Advertisements

„Ова е вистинската приказна за компанијата. Ние имаме повеќе од 20 милиони евра обврски. Го презедовме долгот на „Соравија“ како одговорност. За плаќањето на долгот на „Соравија’ имаме земено кредитна линија 6 милиони евра, од кои три милиони се одобрени. Ова сè е направено за иднината на „Соравија’“, рече Дрин Ахмети.

На денешната прес-конференција беше и Владимир Пјетерџокај, а видео обраќање имаше и Хано Соравија кој пред новинарите рече дека по продажбата на мнозинскиот пакет, ќе му остане само удел од 10 отсто во деловниот центар.

„Три милиони евра веќе се платени, а понатаму ќе следуваат уште трансакции. Овие пари се од подигнат кредит од 6 милиони евра од тиранската банка Кредис каде што свој удел има албанскиот партнер Пјетерџокај“, изјави Ахмети.

Внукот на Али Ахмети рече дека Хано Соравија имал тешкотии со менаџирањето на големиот долг и договорот лесно бил постигнат во Виена.

Соравија најави и дека бизнисот ќе го сели во Валона, Албанија, каде што има можност за инвестиции со искусни партнери.

За внукот на Ахмети, Дрин, кој го купува трговскиот центар, имаше само пофални зборови.

„Задоволен сум што најдов партнери од вашата држава. Имав можност да го сретнам Дрин. Ни ги кажа своите идеи, има силни компании во заднина. Мојот тим стекна доверба во него и во неговата компанија во следните години. Дрин е млад човек што гледа во иднината. Се надевам дека ќе ги пренесе своите идеи“, рече Соравија.