Утрово пожарникари со три противпожарни возила се уште се на терен и интервенираат во гасење на пожарот што вчера наутро избувна во магацин сместен во подрумски простории на зграда во скопската населба Чаир, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) повикувајќи се на информации од скопската противпожарна бригада.
Од ЦУК вчера информираа дека гаснењето на пожарот е отежнато поради големата количина чад и високата температура во подрумите на зградата во кои, како што додаваат оттаму, била складирана поголема количина запаливи материјали.
Од пожарот во подрумските простории беа зафатени и приземните дуќани.
Поради отежнатите околности, како што додаваат од ЦУК, во гасењето на пожарот е вклучено и специјално противпожарно возило на Армијата.
Станарите беа евакуирани преку покривот на зградата од каде беа симнати со посебни скали на противпожарно возило.
Поради вдишување на чад вчера на Детската клиника и на Токсикологија медицинска помош побараа 12 деца и 31 возрасен.
Децата се на возраст од пет месеци до 11 години. Неколку од нив биле приклучени на кислородна поддршка на Детската клиника. Од лицата што побарале помош на Клиниката за токсикологија, пак, петмина се хоспитализирани за понатамошно следење на состојбата.