ВО М-НАВ ДО ТРЕТО КОЛЕНО: КОД објави кои министри и функционери си ги вдомиле своите блиски

Во право беше премиерот Димитар Ковачевски кога изјави дека Македонската навигација (М-НАВ) е направена како семејна фирма во која се вработувале до трето колено.

За, жал, Ковачевски премногу долго молчеше за овие сознанија, се однесуваше како да е премиер на друга држава  и чекаше да заоврие конфликтот во М-НАВ до насилен упад во објектот каде што контролорите на летање се грижат за безбедноста на воздушниот сообраќај и да признае дека во ова акционерско друштво во државна сопственост сомнителни се критериумите според кои се вработувало, всушност непотизмот бил прв критериум.

Во своето најново истражувањето „Код“ на Телма објави дека во М-НАВ се вработени сестра на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаа на вицепремиерот Артан Груби и внук на министерот за земјоделие Љупчо Николовски, како и роднини на поранешни министри и пратеници, објави „Код“ на ТВ Телма.

„Таму од поодамна е вработена сестрата на министерот за надворешни Бујар Османи, снаата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Аљими, внукот на советникот во М-НАВ Беким Незири, како и внукот на министерот за земјоделиe Љупчо Николовски. Извори во М-НАВ велат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши. Роднините на Николовски и Незири работата како помошници контролори , а во оператива работи и сестрата на Османи, останатите се во администрација“, објави „Код“.