Во складиштето на „Макпетрол“ немало пожар, ниту експлозија

Нема пожар во складиштeто на „Макпетрол“ во скопската населба Илинден, информира вечерва компанијата.

„Во складиштето на „Макпетрол“ нема пожар, ниту експлозија, како што вечерва известија дел од медиумите. Инцидентот за кој што медиумите објавија информации се случил во близина, односно на железничката станица Илинден, но на никаков начин не е поврзан со складиштето на „Макпетрол“, велат од компанијата.

Според регионалниот Центар за управување со кризи на Скопје вечерва во 21.05 часот од Македонски железници бил пријавен пожар на цистерна на железничката станица „Илинден“, а Центарот потврдува дека во несреќата има починато лице.

Advertisements

Информацијата за пожарот била пријавена телефонски,  во исто време ЦУК Скопје ја информирало Противпожарна бригада која тргнала со две возила.

„За истиот настан беа информирани и дежурните во полициските станици Автокоманда и Петровец, од каде што беше потврден настанот. Од страна на Секторот за операции и координација на ЦУК беа известени дежурните оперативни центри на МВР и Дирекцијата за заштиа и спасување (ДЗС)”, вели ЦУК.

Пожарникарите го изгаснале пожарот и информирале дека има едно починато лице.