Возачот кој пијан прегази 11-годишното девојче на 17 декември лани во Велес денеска призна вина пред судот, јави ТВ 24.
„Признавам вина и му се извинувам и на семејството и на јавноста“, рече тој во својот исказ.
На денешното прво рочиште, 30-годишниот Ангелче Николов кажа дека е свесен за последиците од признанието, дека ќе добие затворска казна и дека ќе треба да плати отштета и трошоци.
Тв 24 јавува дека обвинителката Славица Темелковски, побара од судот при изрекувањето на пресудата да го има предвид тоа што Николов претходно два пати бил казнуван за возење во алкохолизирана состојба и тоа што два дена се криеше од органите за прогон.
Објавувањето на пресудата е закажано за в петок (17 март 2023 г.).
Advertisements
Кобната ноќ сообраќајката се случи на улицата „Борис Трајковски“ во Велес, кога тој со автомобил „мерцедес“ удри во девојчето и мајката.
Девојчето почина на самото место, а мајката се здоби со телесни повреди.