Вознемирувачки докази од бруталното убиство на Вања и Панче откри Обвинителството

Во Основниот кривичен суд денеска со изведување на материјални докази продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На рочиштето, обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина образложи 180 од вкупно 197 докази пред Судот кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.

Глаголица нема да ги пренесува потресните детали од доказите кои денеска ги презентираше Обвинителството.

Advertisements

Како што посочи обвинителката, жртвите биле усмртени со истрел во главата од непосредна близина, со ист калибар на куршум од 9 милиметри, посочувајќи дека обдукцијата покажала дека Вања не била задушена, односно и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата, на што обвинетиот Љупчо Палевски приговараше дека не се пронајдени негови отпечатоци од прсти.

Според ДНК анализата од самолепливата лента која била на устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето, како и, најверојатно траги од обвинетиот Велибор Манев.

Како дел од материјалните докази на обвинителството, Трајковска образложи дека во возилото Рено кангу на седиштата биле пронајдени траги од обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видоевски, како и траги од отпушоци на цигари кои потекнуваат од Влатко Кешишев и Боре Видоевски, како и траги од кружок на пластично шише со вода.

Психијатриското вештачење на обвинетите покажало дека сите обвинети во секој момент од дејствијата можеле да ги сфатат.