За официјална Софија понижувачко и неприфатливо е однесувањето на македонските власти

Министерство за надворешни работи на Бугарија на својата официјална веб страница објави реакција за  одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во која вели дека „денешните постапки на властите во Северна Македонија сериозно го нарушија процесот на враќање на довербата меѓу двете земји“ и дека е неприфатливо однесувањето кон бугарските граѓани.

„Со длабоко жалење констатираме дека 04.02.2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, со крајно неубедливи причини и со прекршување на уверувањата дадени однапред, не им дозволија на бугарските граѓани да му оддадат почит на делото и животот на Делчев. Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на властите во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, пишува во реакцијата на бугарското МНР.

Според официјална Софија, македонските власти не ги исполниле претходно преземените обврски да се обезбеди непречен пристап за сите добронамерни граѓани кои сакаат да му одадат почит на големиот револуционер.

Advertisements

„Ова, заедно со несакањето делегациите на Бугарија и Северна Македонија заеднички да положат венец, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија со цел зајакнување на добрососедството. Денес, дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес“, се вели во реакцијата.