Домаќинките беа повикани да замесат леб, но не гледам проблем и мажот да замеси леб, особено не, во ваква глобална транзиција каде што жената и економски придонесува колку и мажот, можеби и повеќе во некои семејства, каде што и таа паралелно одговара на сите современи општествени текови, рече пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова во “Аргумент плус” на ТВ 24.
„Немаме едукација од најрана возраст и родовата еднаквост се уште ја третираме како некаков феномен за кој што треба да зборуваме, за жал живееме во време на патријахалните родови и имаме општество полно со стереотипи коишто треба да ги надминуваме, едукацијата од најрана возраст за тоа што значи родова еднаквост и човекови права треба итно да се внесе во училишните програми. Не треба да живееме како во некој минат век, каде што на жените не им давале ни да се образуваат. Како општество само низ едукација може да работиме на промена на свеста, а не чека уште долга работа и нас политичарите, и граѓанскиот сектор и на секој еден којшто придонесува во општество, вели таа.
Според Зајкова треба да се работи на медиумската писменост, затоа што не може да допуштиме да произлегуваат наслови како: “жените треба да ги засукаат ракавите”.
„Се согласувам дека секоја жена е важна и секоја жена треба да биде заштитена. И како општество мора многу да работиме на тоа. Пред се, тргнувајќи можеби лично од себе. Да, точно е дека ние како политичари треба да имаме повисок праг на толеранција, меѓутоа не знам до каде треба да оди тој праг. Секогаш жената ќе биде најголем предмет на напади, на онлајн вербален напад, па и најчесто тие вербални напади после преминуваат и во дело на напад. Се трудиме да преземеме низа на законски решенија, стратегии меѓутоа, гледаме дека и покрај тие низа на закони, стратегии, решенија, се уште жената се соочува со насилство, додава таа.