Повторно испратени се серија на закани за поставени бомби во Скопје, како што информираат од МВР, пријавени се закани во девет средни училишта и во Народна банка на Република Северна Македонија.
„Денеска (07.12.2022) околу 09.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на девет средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа“, информираат од МВР.
Од таму соопштуваат дека веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Исто така, денеска, околу 10.10 часот и од НБРМ било пријавено дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш се преземени неопходните мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.