Заменик директорот на „Македонија пат“ застрелал мечка, Анима Мунди бара да се гони кривично

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ бара разрешување и најави кривична пријава за заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, поради тоа што, како што објавија, гордо се фотографира со мечка што ја застрелал во декември 2024 година. Од здружението наведуваат дека мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.

-Фотографиите до кои дојде Анима Мунди, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи. Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела. Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин, прашуваат од „Анима Мунди“.

Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.

Advertisements

Анима Мунди ќе поднесе кривична пријава против Дранго и очекува негово разрешување од функцијата, бидејќи, како што порачуваат вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат.