Здружение на контролори на летање: Работиме во нечовечки услови, атмосферата е деградирачка, менаџирањето неодговорно

Здружението на контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска соопшти дека дава целосна поддршка на барањата на Струковиот синдикат на контролорите на летање кој најави штрајк за 12 октомври и истакнува дека се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.

„Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот. Овие наши заеднички барања се интензивираа во последните година и половина, за што се доказ бројните дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работиме се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија“, наведува ЗКЛМ.

Ние, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање, се вели во соопштението, работиме во супстандардни услови 24/7, речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, ладење и греење кои не се сервисирани долги години, недостаток и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје.

Advertisements

И покрај сето горенаведено, наведува Здружението, само со соработка помеѓу работничкиот колектив успеавме најпрофесионално да ги исполнуваме сите работни обврски и задолженија, иако тековно сме подложни на разни проверки на компетентност, лекарски прегледи, задолжителни стручни усовршувања и обуки според светски и европски стандарди. 

„Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа. Токму поради овие причини застануваме покрај ССКЛ и ја поддржуваме одлуката на Синдикатот за штрајк, а воедно бараме од менаџментот на М-НАВ да се воздржи од лични напади кон поединци како и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците контролори на летање, а и сите останати професионалци и оперативен персонал.  Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство!“, истакнуваат од ЗКЛМ.

Како што најави претседателот на Струковиот Синдикат на Контролорите на летање Александар Тасевски, штрајкот ќе се одржи на 12 октомври и во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром.