„Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци“. Ова е реакција на Димитар Апасиев, лидерот на Левица, а во врска со повикот за национално обединување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој вчера вечер во Охрид обзнани мораториум на нападите против Левица и ЗНАМ.
„Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен!“, вели Апасиев на социјалните мрежи.
Според Мицкоски, со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка, но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.