Зошто Бугарите негираат сè што е македонско? – лидерот на Македонски концепт бара меѓународна арбитража

Влошените македонско – бугарски односи по инцидентот во Охрид по што следеше повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и најавите дека ќе бидат прекинати сите меѓудржавни проекти со Македонија некои македонски аналитичари ги толкуваат само како провокации од бугарска страна поттикнати поради политичко профитерство. Меѓутоа, како што наближува денот на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев негаторските и дрски изјави од бугарските политичари прераснаа во отворени закани, како што беше испратена и до македонскиот претседател Стево Пендаровски од страна на европратеникот Ангел Џамбаски по што следуваа канонада изјави и антимакедонска пропаганда од бугарска страна во пресрет на прославата на 4 февруари.

Во контекст на овие случувања и нарушени дипломатски односи со Бугарија претседателот на политичката партија Македонски концепт Петар Богојески кој прв во државава побара да му се забрани влез во земјава на европратеникот Џамбаски за Глаголица ја објаснува  суштината на негирањето на сè што е македонско од бугарска страна.

„Можеби чудни ви се потезите, за „едно пошљакано” момче, Бугарија да нарушува дипломатски односи со Македонија! Не се чудете! Бугарија се грижи за својата државност! Тие се плашат од Македонија и Македонците, зашто според нивната бугарска логика, ако постоиме ние, не постојат тие! Што не е далеку од вистината!“, изјави Петар Богојески, лидерот на Македонски концепт.

Advertisements

Според Богојески, Бугарите, како што вели, се подготвени да се вратат во времето на СССР и како тогаш, така и денес да стават железна завеса на граница, само и само да опстане бугарската лага за бугарската нација.

„И тогаш и денес, вината за немање на нормални комуникациски врски (автопат, железница, научна соработка…) помеѓу двете држави е на нивна страна! Тие се плашат од македонската култура и од тоа да се одомаќини во Бугарија! Имаат страв во коски од тоа! Тие сметаат дека со признавање на македонски јазик, значи дека не постои бугарски јазик! Со признавање на македонски народ, не постои бугарски народ! И тука нема компромис, освен наметнување на европски стандарди врз бугарските позиции! Ни подриваат самостојност, териториален интегритет. Сѐто тоа поаѓа од тој еден проблем од нивната доктрина дека сè македонско е негација на сè бугарско!“, анализира Богојески.

Според него проблемот веќе ги надминува можностите за билатарелно решение и затоа, порачува Богојески, потребна е итна меѓународна арбитража во македонско – бугарскиот спор.

„Само така ќе дојдеме до конечното решение“, порачува претседателот на Македонски концепт.