Битиќи до министерката Кочоска: Кога сметките дома не ви се средени, не е време за шетање со државни пари

Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, преку објава на Фејсбук реагираше за отсуството на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска од денешната собраниска расправа, оценувајќи дека таа избегнала соочување за економската состојба во државата.

„Денес дојдов во Собранието за конечно да се соочиме со министерката за финансии, но таа повторно избега од дебата за реалната економска состојба во државата“, напиша Битиќи.

Во објавата, Битиќи се осврнува на нејзиното отсуство поради патување.

„Се извинувам што ја вознемирувам додека е на патување, но кога сметките дома не ви се средени, не е време за шетање со државни пари“, порача тој.

Битиќи најави дека очекува министерката да се појави на седницата за пратенички прашања во четврток, каде, како што вели, треба да се соочат фактите за економијата.

„Граѓаните заслужуваат одговори, а не бегање од одговорност. Затоа очекувам во четврток, на пратенички прашања, да се појавите и аргументирано, без мешање „грашок, млеко и деца“, да ги соочиме фактите и вистината за економијата“, напиша Битиќи.

Advertisements