ХРИСТОС СЕ РОДИ! – за многу години БОЖИК

Православните христијани денеска го слават Божик, денот на раѓањето на Исус Христос. Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божикни литургии.

Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Со Божик е поврзана поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

Advertisements

На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село.

Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.

Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.
Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.

Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.