Ова е Лука (19), момчето кое беше брутално убиено во Дрниш: Кобната вечер заменувал колега при достава на пица

Хрватска е во шок по бруталното убиство на 19-годишниот студент Лука М., кој привремено работел како доставувач на храна. За неговото убиство е осомничен 50-годишниот Кристијан Алексиќ, кој и понатаму е во бегство.

Трагедијата се случила во саботата вечерта, кога Лука дошол да достави нарачка во куќата на осомничениот во Дрниш. Според информациите од полицијата, Алексиќ испукал повеќе куршуми кон момчето, по што избегал од местото.

Директорот на хрватската полиција, Никола Милина, изјави дека станува збор за сурово убиство и дека во потрагата се вклучени специјални единици, дронови, хеликоптери и кучиња трагачи. Граѓаните се предупредени да не му се приближуваат на осомничениот бидејќи се смета за вооружен и опасен.

Поради безбедносната состојба, жителите на Дрниш биле советувани да останат во своите домови, а наставата во училиштата и градинките била откажана.

Според соседите, Алексиќ по злосторството излегол од куќата со куфер и ранец полн со храна, што укажува дека однапред планирал бегство.

Полицијата потврди дека осомничениот има тешко криминално минато. Тој веќе бил осудуван пет пати, а одлежал и 15 години затвор за убиство на 22-годишна девојка во 1994 година, која ја избодел со нож дури 17 пати.

Advertisements

Жителите на Дрниш велат дека со години живееле во страв од него и тврдат дека често им се заканувал на луѓето низ градот.

Истрагата и потрагата по убиецот продолжуваат.