Запленети 2,3 тони кокаин во Шпанија, уапсени дилери од „Балканскиот картел“

Шпанската полиција во соработка со американската агенција за борба против наркотици ДЕА заплени 2.300 килограми кокаин, скриен во рибарски брод во близина на шпанскиот град Виго, а уапсени се пет лица припадници на „Балканскиот картел“, соопштено е на веб-страницата на шпанската полиција.

Во акцијата, како што се наведува, уапсени се четворица членови на екипажот на бродот, како и петто лице кое наводно било задолжено да ја прими робата и да ја пренесе на друг брод.

Истрагата, наводно, започнала кога агентите дознале дека „неколку поединци кои припаѓаат на балканскиот картел“ имале намера да ја искористат Шпанија како влезна точка за наркотици за дистрибуција низ Европа.

Утврдено е дека транспортот на значително количество дрога од Латинска Америка го подготвувале преку големи бродови во кои ја превезувале дрогата за подоцна да ја префрлат на помали бродови низ кои понезабележливо минува стоката.

Advertisements

Заедничката работа на шпанската полиција со ДЕА овозможила да се идентификуваат лицата кои наводно биле задолжени за примање на кокаинот, се наведува во соопштението.

Во соопштението се наведува и дека во врска со овој случај биле претресени две куќи во градот Коруња во Шпанија, каде полицијата запленила 200.000 евра во кеш и луксузно возило.