Во случајов се чини дека власта не се бори против криминалот имајќи предвид дека Груби е избеган од една страна, од друга страна тоа е доволно добар сомнеж дека можеби ДПМНЕ работи за Груби, односно му направило некаква услуга тој да избега надвор од границите, рече потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска во Дневникот на Сител телевизија.
Од таа работа произлегува идниција, прво дека ДПМНЕ не е способно и не е кадарно да спроведе акции од ваков тип како што помпезно ги најавува. Второ дека постои голема веројатност дека ова бегство на Груби, е впрочем помогнато од ДПМНЕ. Како трето тоа укажува дека станува збор за елементарна неспособност за водење на држава особено, во она што нарекуваме тврд суверенитет, а тоа е се поврзано со безбедноста, порача потпретседателката Чупеска.
Нека биде целосно јасно за сите дека СДСМ е апсолутно против секаков вид на криминал, без разлика дали тој криминал е од бивши, сегашни или идни функционери или од граѓани, групации, бизниси, што прават криминал. Тука немаме никаква отстапка, во врска со било какви докажани активности низ институциите, истакна потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во вестите на Сител телевизија.
-Во една демократија се знае што е законодавна, што извршна, а што судска власт. Тенденциите за спојување на властите во една и концентрација на моќ каква што е премиерската, тука не зборувам за Мицкоски, туку за институцијата што ја води Мицкоски, не би смеело да си дозволува такви излети. Во спротивно ќе имаме оправдан впечаток или дека станува збор за елементарна неспособност и непознавање на основните постулати на демократијата или второ дека има јасни тенденции за упад во сите институции, нагласи Чупеска.
Таа додаде дека веќе има јасни и многу прецизни индиции за узурпација на сите три клучни полуги на власта, дека постојат сериозни индиции дека имаме прв степен на упад во институциите.
-Во законодавниот дом Деловникот се прави партал, се прекршува. Сега има една друга тенденција преку авторитарен процедурализам поточно инструментот толкување на законите, што е во надлежност на Собранието, да се употребува за индукција на сосема нови закони, во спротивност со самиот закон, којшто е предмет на толкување. На пример за законот за надворешни работи, со толкувањето се суспендираат важни елементи од самиот закон, па така нелегална работа станува легална, посочи Чупеска, додавајќи дека тие трикови на авторитарен процедурализам се пренесуваат на секое ниво.
Потпретседателката Чупеска нагласи дека во судскиот совет се ставени сопруг и братучед на највисоки функционери, а од власта ја користат секоја прилика за индиректно заплашување на судството.
-Во извршната власт има најмногу примери, но оние што се многу сериозни што ја тангираат безбедноста на државата, ги доведуваат во прашање нашите стратешки релации со НАТО, особено и со ЕУ, се скандал од невидени размери врзан за Бојан Христовски и тенденцијата да се спојат службите. Има еден тон работи кои потврдуваат неспособност и некадарност да се управува со државниот апарат, рече потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во вестите на Сител телевизија.