„Неуспешни политичари во Бугарија сакаат да ја блокираат Македонија“ – според Николоски Софија нема волја за добрососедство

Вицепремиерот и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски денеска излезе со реакција по серијата критики од страна на бугарски политичари, во врска со неговата изјава за непоставувањето на македонското знаме на неофицијалната средба меѓу претседателите Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев минатата недела во Софија.

-Би сакал да реагирам во однос на последната хистерија која што ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари. Имено, непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалку мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија. Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари кои што, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал кој што го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија, нагласува Николоски.

Тој додава дека нивното занимавање со земјава всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, а уште помалку да напредува кон ЕУ.

Advertisements

-Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема. Секако ние нема да го дозволиме тоа и јас нема да дозволам кој било да бара изговори во мои изјави или што било друго што се случува во Македонија. Всушност, самото тоа што се вадат  изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик, вели Николоски.

Тој нагласува дека останува позади она што го кажал, а тоа е дека „е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува“.

-Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Сиљановска Давкова како претседател на Македонија. Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивни долгогодишен сон. Ние сме јасни кои сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој македонски јазик различен од сите останати јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба на никого да се докажуваме. А, оние кои што сакаат поинаку да ја читаат историјата, се политичари од деветнаесетиот, а не политичари од дваесет и првиот век, потенцира Николоски.

 

Тој и со порака до како што рече, оние политичари кои што бараат оставка од мене.

-Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај прачки со злато и стотици илјади евра во девизии. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал мие е што добрите односи помеѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза. И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот претседател, вели Николоски во реакцијата.

Додава дека токму ог горенаведените причини таква е и неговата реакција и нагласува дека ќе продолжат и тој и ВМРО-ДПМНЕ да ги бранат македонските национални интереси.

-Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на ЕУ, да го изоди патот кон ЕУ, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси. Ние ништо туѓо не бараме, ама сакаме да го заштитиме нашето, истакнува Николоски.