Петнаесетгодишно момче со српска националност, Лазар М., бил претепан од четири повозрасни Албанци во етнички мешаната населба Сув Дол, пишува на страницата на српската Канцеларија за Косово и Метохија.
Како што се наведува во соопштението, момчето утрово тргнало од дома пешки, кога од автомобил во движење, почнале да му дофрлаат на албански.
„Детето ја наведнало главата што било знак за албанските екстремисти дека не го разбира јазикот и дека станува збор за Србин, па потоа го запреле возилото и го претепале. Момчето утрово во придружба на неговиот татко дошло во Клиничката болница во Косовска Митровица со видни повреди на главата, хематоми и гребаници, како и со модринка под окото, а според неговите зборови напаѓачите му задале повеќе удари и во пределот на градниот кош и стомакот. Лекарите му направиле комплетна дијагностика и го пуштиле на домашно лекување“, се вели во информацијата објавена на веб страницата на Канцеларијата за Косово и Метохија.
Оттаму порачуваат дека „никој не смее да ја сврти главата од овој напад и целата меѓународна заедница мора да го погледне Лазар во очи да му објасни зошто е нападнат на прагот од неговата куќа. Тука не смее да има место за релативизирање на нападот бидејќи Лазар е нападнат само затоа што е Србин“.