Директорот на БИА, Александар Вулин, е на списокот на оние кои се под санкции на САД, а тој е обвинет за вмешаност во организиран криминал, трговија со наркотици и дека со злоупотреба на јавната функција му помогнал на трговецот со оружје Слободан Тешиќ да се преселат неговите нелегални пратки со оружје слободно преку границата на Србија“, пренесуваат српските медиуми.
Како што е соопштено, денеска Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) санкционираше лице во Србија во согласност со Извршната наредба (Е.О.) 14033.
Според соопштението, Александар Вулин е вмешан во транснационален организиран криминал, нелегални операции за наркотици и злоупотреба на јавна функција.
Во делата Вулин, наводно, го користел својот авторитет за лична корист, вклучувајќи вмешаност во синџир за шверц на дрога. „Тој ги искористи своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги злонамерните активности на Русија кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи и на Русија платформа за натамошно влијание во регионот. Вулин е директор на Безбедносно информативната агенција на Србија, а претходно беше министер за одбрана и министер за внатрешни работи. Овие институции не се цел на овие санкции“, се наведува во соопштението.
Како што е наведено, санкционирањето на Вулин ја покажува решеноста на САД да ги повикаат на одговорност сите оние кои се ангажирани во коруптивни активности кои ги унапредуваат нивните сопствени политички агенди и лични интереси на штета на мирот и стабилноста на Западен Балкан. Овие коруптивни зделки ги олеснуваат злонамерните активности на Русија во Србија и во регионот, се вели во соопштението на Министерството.
„Одделот нема да се двоуми да ги таргетира актерите кои ги злоупотребуваат своите позиции за лична корист додека го поткопуваат ефективно и демократско владеење на Западен Балкан“, рече потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии Брајан Е. Нелсон. „Со денешната одлука, Александар Вулин се смета за одговорен за своите коруптивни и дестабилизирачки дејствија, кои овозможија злонамерни активности на Русија во регионот“, додаде тој.