Борисов се откажа од пратеничкиот имунитет, обвинет е за перење пари, Обвинителството собрало докази

Претседателот на ГЕРБ  и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов денеска соопшти дека се откажал од пратеничкиот имунитет.

„Разговарав со членовите на пратеничката група на ГЕРБ. Ќе се откажам од имунитетот, и покрај тоа што го направи поранешниот државен обвинител против мене“, рече Борисов во парламентот, иако претходно рече дека „категорично одбива“ да се одрекне од имунитетот.

Тој додаде дека има доверба во бугарскиот суд и во обвинителството, јавува Радио Бугарија.

Advertisements

Градското обвинителство во Софија претходно му предложи на државниот обвинител да побара укинување на пратеничкиот имунитет на Борисов поради случајот „Барселонагејт“.

Станува збор за афера во која поранешниот премиер е под истрага три години, а според обвинителот, собрани се докази дека Борисов перел пари давајќи незаконски стекнати пари на трети лица за купување недвижен имот во странство.