Цензура, медиумска репресија и кратење на буџетот ги крена на нозе новинарите на РАИ

Италијанскиот државен медиум РАИ, кој има неколку телевизиски и радио канали, како и интернет-изданија, чие раководство е назначено од властите и кој се финансира од државни средства, денеска почна еднодневен штрајк, во знак на протест поради кратење на буџетот, наводна цензура и медиумска репресија.

Штрајкот го организираше Синдикатот на новинарите од РАИ, кој обединува околу 2.500 новинари.

Новинарите од телевизиите и радијата на РАИ протестираат и поради замрзнувањето на вработувањата, отпуштањата и реорганизацијата на персоналот. Велат дека овие потези имаат крајна цел „РАИ да стане мегафон на власта“.

Advertisements

Компанијата РАИ, која ги контролира сите три јавни ТВ канали во Италија, во врска со штрајкот соопшти дека не доведува во прашање ниту едно право или работа на сегашниот персонал и дека е „посветена на заштитата на вредностите на плурализмот и слободата на изразување“.

Штрајкот доаѓа само неколку дена откако меѓународната невладина организација „Репортери без граници“ ја спушти Италија за пет места подоле во нејзиниот годишен извештај за индексот за слободата на медиумите. Сега, рангирана на 46-то место од 180 земји, Италија премина во „проблематична“ категорија земји заедно со Полска и Унгарија.