Осомничениот за масакрот во црногорскиот град Цетиње, Ацо Мартиновиќ, се самоуби откако претходно убил најмалку дванаесет лица, соопшти црногорската полиција.
Мартиновиќ, кој беше во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње.
-Откако полицијата го опколи и откако виде дека е во безизлезна ситуација, тој се застрела и почина при транспортот до Клиничкиот центар, изјави ноќеска на прес-конференција директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ.
Тој додаде дека напаѓачот убил најмалку дванаесет лица, но можно е да има и повеќе жртви. Четири лица се тешко ранети. Меѓу жртвите има две деца на возраст од 10 и 13 години и сите се најблиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.
Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње. По инцидентот меѓу него и гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму убил четири лица.
Потоа ги убил членовите на неговото семејство и две деца на возраст од 10 и 13 години на три познати локации.
Шќепановиќ изјави дека мотивот за ова досега незабележено золсторство во овој град но и Црна Гора се уште се утврдува.