Чисти сме како солза, не сме продавале оружје на Русија, ниту на Украина – Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ниту едно парче српско оружје или муниција не е продадено ниту на Русија, ниту на Украина и оние кои тврдат поинаку се „лажговци“, кои ѝ нанесуваат штета на Србија.

Оваа изјава на српскиот претседател доаѓа откако на социјалните мрежи се појавија снимки од војната во Украина, на кои што наводно се гледа муниција произведена во Србија како се користи во украинските повеќеракетни системи „Град“.

„За Србија постојат, во склад со меѓународните закони, таканаречени дозволени корисници и само во такви земји Србија може да извезува. Ние сè направивме во склад со законот, чисти сме како солза“, изјави Вучиќ во Катар, каде што учествува на конференција на Обединетите Нации.

Advertisements

Во врска со тврдењата дека српско оружје завршило во Украина преку Турција, Вучиќ вели дека Србија дополнително се заштитила, бидејќи знае дека постои можност дел од оружјето да заврши на друго место.

„Невозможно е да се извезе муницијата која што ѝ ја дадовме на Турција без наша согласност“, изјави Вучиќ.