Српските медиуми јавуваат дека денеска била сослушана дадилката на Коста.К момчето кое го изврши масакрот во Белград. Таа, како што пишуваат тамошните медиуми, детално раскажала се што знае за момчето убиец, за неговата сестра и родителите.
Таа се грижела за момчето од бебе – кога имало само 11 месеци до пред неколку години и во тој период поминувала повеќе време со него, отколку неговите родители.
„ Со денови по злосторството во Врачар размислувала за момчето и времето кога го чувала и се уште не може да се опорави од шокот“, рекол изворот од полициската истрага.
Дадилката во полиција изјавила дека додека го чувала тој бил добро дете, послушно и паметно.
„Беше добро бебе, подоцна момче. Беше натпросечно интелигентен, љубопитен и успешен во се што го интересираше. Ништо во неговото однесување не навестуваше дека тој некогаш би направил такво злосторство“, рекла таа.
Мајката на момчето кое уби деветмина негови врсници и чувар на основното училиште „Владислав Рибникар“ во средата била сослушана во полиција и во таа прилика детално ја раскажала својата верзија на приказната за детството на синот, неговото здравје, односот со врсниците, семејните односи…
Таа ги опишала и неговите денови пред масовното убиство, на 3 мај и како изгледало утрото кога момчето со пиштолите на татко му и молотови коктели влегол во основното училиште „Владислав Рибникар“ каде го направи страшното злосторство.
Мајката на момчето била сослушана за да се утврди дали можеби го напуштила или малтретирала нејзиниот син пред тој да го изврши масакрот во училиштето.