ЕУ го објави предлогот на Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово

По уште една рунда преговори во Брисел се чини дека Косово и Србија се чекор поблиску до договор за нормализација на односите. Албин Курти и Александар Вучиќ со часови разговараа со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел. Иако ништо не беше потпишано – двете страни го поддржаа предлогот на ЕУ за нормализација на меѓусебните односи и изразија подготвеност да почнат да го спроведуваат.

Европската служба за надворешни работи го објави во вчера вечер, по завршувањето на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, текстот на договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, кој е поддржан од сите 27 членки на ЕУ. Договорот на двете страни им беше претставен во септември минатата година, но никогаш официјално не беше објавен.

„Задоволство ми е да објавам дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска се согласија дека не се потребни дополнителни дискусии за предлогот на Европската унија за Договорот за нормализација меѓу Косово и Србија“, изјави Борел по средбата меѓу Вучиќ и Курти.

Advertisements

Недолго потоа, дипломатската служба на ЕУ за првпат го објави целосниот текст на предложениот договор, кој има кратка преамбула и 11 члена.

Во преамбулата се наведува дека договорните страни се свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет и заштитата на националните малцинства се основни услови за мир.

Во текстот на договорот се вели дека двете страни ќе развиваат нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права, дека меѓусебно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати.

Двете страни ќе се водат од целите и принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштита на човековите права и недискриминација.

Со договорот, Косово и Србија се обврзуваат да ги решаваат меѓусебните спорови исклучиво со мирни средства и да се воздржат од закани за употреба на сила.

Страните тргнуваат од претпоставката дека ниту една од двете не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име, а Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација, се вели во текстот.

Ниту една страна нема д блокира или да охрабрува други да го блокираат напредокот на другата страна на нејзиниот пат кон ЕУ по сопствена заслуга.

Во текстот се вели дека овој договор е важен чекор во нормализацијата на односите, но дека страните треба да го продолжат дијалогот под покровителство на ЕУ, што треба да доведе до правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на нивните односи.

Страните се согласни да ја продлабочат соработката на полето на економијата, науката, технологијата, транспортот, поврзаноста, правдата, спроведувањето на законите, поштата, телекомуникациите, здравството, културата, религијата, спортот, заштитата на животната средина, исчезнатите лица, бегалците и други слични области преку склучување на конкретни договори.

Двете страни се обврзуваат да воспостават посебни аранжмани и гаранции, во согласност со релевантните инструменти на Советот на Европа и потпирајќи се на постоечките европски искуства, со цел да се обезбеди соодветно ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и способност да обезбеди услуги во одредени области, вклучително и можност за финансиска поддршка од Србија и директен канал за комуникација на српската заедница со Владата на Косово, се вели во текстот.

Исто така, се вели дека партиите ќе го официјализираат статусот на Српската православна црква во Косово и ќе обезбедат силно ниво на заштита на српското верско и културно наследство, во согласност со постоечките европски модели.

Предвидена е размена на постојани мисии, кои ќе бидат формирани во седиштата на владите.

Страните се согласни да формираат заеднички комитет со кој ќе претседава ЕУ, кој ќе го следи спроведувањето на овој договор.

Во последниот член се вели дека страните се обврзуваат да го почитуваат планот за имплементација кој е во анекс на договорот.