Фицо се закани: Ќе ги запре испораките на струја за Украина, доколку не се исполни овој услов!

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска истакна дека доколку Киев не ги обнови испораките на нафта за Словачка до понеделник, тој ќе побара од словачките компании за пренос на електрична енергија да ги прекинат вонредните испораки на струја за Украина.

„Словачка е горда и суверена земја, а јас сум горд и суверен Словак. Доколку испораките на нафта не се обноват, ќе побарам од СЕПС да ги прекине испораките на електрична енергија во Украина“, напиша Фицо на својот профил на Facebook.

Премиерот нагласи дека во јануари годинава Украина примила двојно повеќе електрична енергија отколку за целата 2025 година за стабилизирање на својот енергетски систем. Фицо посочи дека словачко-украинските односи не можат да бидат еднонасочни и дека прекинот на снабдувањето со гас веќе предизвикал штета од 500 милиони евра, додека прекинот на транзитот на нафта предизвикал уште поголеми логистички проблеми.

Премиерот исто така го оправда одбивањето на Словачка да се приклучи кон воениот заем за Украина во износ од 90 милијарди евра, оценувајќи ја одлуката како апсолутно исправна.